Со воведувањето на видео технологијата во фудбалот се очекуваше дека судиските грешки ќе бидат целосно елиминирани и дека влегуваме во време кога правдата ќе биде целосно застапена. Сепак на моменти бевме сведоци на бизарни моменти, кои со унапредувањето на комплетниот систем најверојатно тие конечно ќе бидат минато.
Долгите проверки кои целосно го нарушуваа ритамот на играта наскоро би требало да бидат надминати откако ФИФА ќе го унапреди системот со делумно имплементирање на вештачката интелигенција или примената на полуавтоматската офсајд технологија. Специјално програмиран софтвер во текот на целиот натпревар ќе го следи движењето на играчите на теренот и доколку некој од нив е во недозволена позиција, тој реагира и за само три секунди дава информација дека играта треба да се прекине.
“Некој овој систем го нарекува офсајд робот, но тоа е погрешно. Судиите на теренот и натаму имаат огромна одговорност. Технологијата им е само поддршка да донесат брза и точна одлука, посебно ако играчот е само неколку сантиметри во офсајд. Сосема е извесно дека сите останати одлуки потребно е повеќе време за да се донесе конечната одлука”, изјави Пјерлуиџи Колина, првиот човек на судиската комисија на ФИФА.
Новиот систем се тестира за време на Светскиот клупски шампионат што се одржува во Абу Даби и по анализата на резултатите судиската комисија на ФИФА ќе донесе одлука кога да се почне со неговата примена, но нема да биде порано од почетокот на Светскиот куп во Катар каде се очекува неговата промоција.
ФОТО: Игор Паневски
