На затворен настан и без присуство на поширокото членство поради пандемијата со Ковид, а во пресрет на 13 февруари кога се навршуваат 75 години од формирањето, Друштвото на писатели на Македонија ги додели награди за најдобри дела од поезијата, прозата, есеистиката и литературата за деца и млади, објавени минатата година. А претседателката на Друшвото најави дека тоа од годинава се проширува со 6 нови членови, кои се истакнале преку творештвото и за нив не бил објавен конкурс за прием.
Цитирајќи го Конески, за јазикот како идентитетска одредница, нашиот автор Ивица Челиковиќ, кој живее и твори во Шведска, заблагодарувајќи се за наградата „ Стале Попов“, што ја освои за романот „Ден за одмазда“, рече дека не се чувствува како иселеник.
Академик Блаже Конески велеше јазикот е нашата татковина . Така јас го чувствувам тоа мое физичко присуство на северот на Европа, дека сепак живеам со нашиот јазик, а еве и со литературата , која овдека ја објавуваме, рече Челиковиќ.
Книгата се фокусира на односот единка – систем.
Тематски и мотивски е заснована на положбата на единката во услови на општествена транзиција. На судирот на еден строго контролиран, но веќе не само напуштен, но веќе и морал што го допрел дното, рече Љупчо Силјановски, претседателот на жирито.
Димитар Пандев за критичко –есеистичкиот труд „ Времето на Конески“, ја доби наградата „ Димитар Митрев“. Санде Стојчевски за стихозбирката „ Великата лирска песна“, ја освои наградата „ Ацо Шопов“, а Венко Андоновски за романот „ Имаш пчела на носот“, ја понесе наградата „Ванчо Николески“.Годинава кога се одбележуваат 75 години од формирањето, ДПМ го зголемува бројот на членови со докажани имиња за кои не бил отворен конкурс за прием.
Поканата за членство во ДПМ во оваа прилика ја прифатија: Владимир Јанковски, Румена Бужаровска, Елизабета Баковска, Јовица Ивановски, Снежана Младеновска Анѓелков и Никола Маџиров, соопшти претседателката на ДПМ Соња Стојменска Елзасер.
ДПМ овој пат не ја додели наградата „ Мост“ , за книга на еден од јазиците на националностите зашто не се појавил ни еден кандидат.
Сотир Трајков