Секоја година опаѓа интересот кај младите да студираат новинарство. Потребна им е пракса, а не само теорија, ова е заклучокот од нивната посета на телевизија Телма. Истражувачките стории кои предизвикуваат позитивни промени се во фокусот на дел од нив, другите пак повеќе би сакале да бидат пред камера.
Студентот Даниел Шикоски, за кого ова е трет факултет, вели дека не секој може да биде новинар, за него новинарите се „херои“ на денешницата. Ниските плати и неизвесната иднина ги одвраќаат младите да се образуваат за идни новинари, вели неговата колешка Велковска.
Според професорката Јасна Бачовска-Недиќ не само ниските плати и несоодветните услови за работа, хонорарниот ангажман и немањето доверба на младите дека новинарската професија е почитувана, се причини за се помалиот број студенти.
Статистиката покажува дека просечната плата на новинарите е од 15.000 до 20.000 денари, што честопати е пониска и од просечната плата според Државниот завод за статистика. Па, многумина млади, новинарството го заменуваат со пи-ар ангажман во државниот или приватен сектор.
Мартин Николовски