Вести Македонија

Џафери до Кацарска: Комисијата за именувања трпи опструкции и не може да избере судии

Уставниот суд работи со пет од уставно предвидените девет судии. Не може да носи одлуки за кои е потребно дво-третинско мнозинство, одлуки од врвен интерес за државата и во моментот е принуден да одложи 16 предмети. Ова го наведува претседателката на Судот Добрила Кацарска, барајќи личен ангажман од спикерот Талат Џафери за надминување на оваа ситуација.

 Уставниот суд отежнато функционира со петмина судии иако Уставот предвидува девет. Ова има влијание при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Ви се обраќам лично да го заложите Вашиот авторитет и заедно со вашите колеги да изберете уставни судии, вели Кацарска. 

Талат Џафери одговори јавно и јасно: „Во моментов, Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Судот“. Џафери објаснува дека „има опструкции на работата на Комисијата за избори и именувања преку изигрување на процедурата“, така што предлозите на членовите на комисијата не можат да стигнат до пленарна седница.

Проблемот е стар девет месеци, кога им истече мандатот на тројца судии, а неодамна си замина уште еден судија. Комисија за избори и именувања неколку пати закажуваше седница за да утврди предлог за нови судии, но потоа се откажуваше. Според опозицијата, владеачките партии не успеале да се договорат. По изборите, Комисијата воопшто не заседаваше, а во неа се смени и соодносот на силите власт-опозиција. Со повлекувањето на БЕСА од власта, мнозинство во комисијата доби опозицијата. Ако Комисијата успее да утврди предлози кои четворица „истакнати правници“ би можеле да бидат уставни судии, доволни се 61 пратенички глас.

Оваа комисија има и други обврски кои долго време не се решени. Од неа се чека изборот на Совет на МРТВ кој би избрал директор, бидејќи мандатот на сегашниот му истече пред една година, Агенција за медиуми со која трета година раководи стариот состав, заменици на Народниот правобранител како и други кадровски решенија.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бензините поевтинуваат за денар и половина, дизелот поскапува за половина денар

Дејан Дејан

Изгоре човек во пожар кај Ѓорче Петров

Дејан Дејан

Се гасне пожарот во реонот на Блаце

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе