Со 1200 амандмани од Левица и 760 од ВМРО ДПМНЕ, опозицијата ќе се обиде да ги спречи најавените измени на Законот за здравствена заштита.
Очекувале да биде повлечен цел закон, а не само со амандмани да се повлечат спорните измени, за кои од владата се предомислија.
По денешната комисија за здравство, која беше прекината поради големиот број на амандмани, изјавија дека воопшто не сакаат да разговараат за теми кои овозможуваат влез на приватни фирми во дејности како трансплантацијата на органи и итната медицинска помош.
Опозицијата тврди дека никакви амандмани не стигнале во Собранието, иако од мнозинството се категорични дека веќе поднеле амандмани, со кои ќе се повлечат спорните делови од законот за кои реагираа и од здружението за трансплантација.
Од мнозинството се децидни дека спорните делови ќе бидат повлечени, но не и целиот закон.
Со него, велат, се предвидува подобра достапност на матични лекари, таму каде што ги нема, можност специјалистите да работат во секоја јавна здравствена установа, нови услови за вршење на дополнителна дејност.
Во законот стои и дека, од крајот на следната година, здравствените работници вработени во здравствените домови, педијатрите и гинеколозите вработени во болниците, ќе може да бидат и избрани матични лекари во различни региони од државата.
Се дава и можност, пациентите да останат во истата здравствена установа доколку нивниот избран лекар почине, се пензионира или замине во странство. На барање на опозицијата, министерот за здравство прифатил да се одржи и јавна расправа, следниот петок.
Далиборка Демјанска Цветановска