Филмот „Северен пол“, на режисерката Марија Апчевска ја освои наградата „Санта Луција“, за најдобар интернационален краток филм на фестивалот во Богота- Колумбија, соопштија од продукцијата „Кино око“.
Оваа награда доаѓа по освоената Големата награда на 63. Интернационален фестивал за документарен и краток филм „Зинеби“ во Билбао- Шпанија, со што филмот на Апчевска се квалификува за трката за Оскар. Номинациите ќе бидат објавени на почетокот на февруари, следната година. А, фестивалот во Билбао ќе го кандидира „Северен пол“ и за Европските филмски награди во 2022 година.
Филмот „ Северен пол“, беше прикажан на Канскиот филмски фестивал годинава, а учествуваше на повеќе од 20 фестивали ширум светот. Тој ја освои наградата „Златна колица”, за најдобар краток филм, на филмскиот фестивал во Загреб.