Мајсторите ќе работат, багерите ќе копаат и ќе се отвора простор за првата висококатницата спроти „Холидеј Ин“. И вака ќе биде уште некое време, затоа што нема правен механизам кој му овозможува на градоначалникот на Општина Центар да каже „стоп“ за градежните работи. И тој како и голем број активисти, екологисти и архитекти кои се поборници за зачувување на јавниот простор, чека да види што ќе произлезе од истражните дејствија, а за кои на потег е Обвинителството.
Во Јавното обвинителство има некој предмет во делот на купопродажба, во делот на тоа како е стекнат капиталот и сè останато. Не сум целосно упатен околу тоа што е доставено до Јавното обвинителство. Побарани се документи од страна на Општината уште од претходниот градоначалник и сето тоа е доставено до ЈО. Доколку Обвинителството даде насока да се стопираат градежните работи, јас сум првиот што ќе излезе и ќе побара тоа место да се врати во првобитната состојба, вели градоначалникот Герасимовски.
Претходно, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Русковска, во изјава за КОД порача дека сè уште се чекаат документите кои треба да ги прибави полицијата за да се провери дали е направена штета на буџетот на државата или пак дали е сторено некое друго кривично дело кое е во нивна надлежност.
И додека целиот овој случај за земјиштето спроти „Холидеј Ин“ ја бранува јавноста подолго време, во секторот за урбанизам, во најбогатата скопска општина – Центар веќе е отворена темата и за уште една жешка точка и еден од последните слободни простори во централното подрачје – кај поранешниот индустриски гигант Треска. За тој дел од градот сè уште е во важност стариот Детален урбанистички план и инвеститорите сакале да градат според него.
Таму сè уште има стар ДУП и инвеститорите сакаат да градат според стариот ДУП. Според Генералниот урбанистички план скоро секаде има несогласување поради тоа што не е предвиден толкав број на жители. Ќе треба да се намалува од некаде. ГУП-от е предвиден за ниски куќи како што биле порано. Но, за жал има нацртано повеќекатници односно згради со повеќе ката во тој дел од околу 140 илјади метри квадратни површина, рече Герасимовски.
Според информациите, досега се ревидирани 9 Детални урбанистички планови во Центар, но повеќе се оние коишто сè уште се во процедура – 11 на број.
Петар Догов