Со одигрувањето на дуелот во Бергамо и победата на Вилјареал од 3:2 во дуелот против Аталанта познати се сите учесници во осминафиналето во фудбалската Лига на шампиони.
Во пресрет на жрепката што ќе се одржи в понеделник точно на пладне во Нион, УЕФА ги потврди местата во садовите на екипите кои се пласираа во првото елиминациско коло од елитното натпреварување.
Статус на носители имаат освојувачите на првите позиции: Ајакс, Баерн, Јувентус, Ливерпул, Лил, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.
Во вториот сад се второпласираните тимови од фазата по групи: Атлетико Мадрид, Бенфика, Челзи, Интер, ПСЖ, Салцбург, Спортинг Лисабон и Вилјареал.
Според правилата во оваа фаза меѓу себе не можат да се сретнат клубови од иста земја и екипите кои веќе играле во првиот круг.
Првите осминафинални дуели се играат на 15/16/22/23 февруари додека реваншите се на програмата на 8/9/15/16 март.
Жрепката за четвртфиналето и полуфиналето ќе се одржи на 18 март.