Вести Македонија Најважни

Алтернатива со начелна согласност за влез во владата, се преговараат министерските позиции

Постигната е начелна согласност за влегување на Алтернатива во владата. По речиси четиричасовни преговорири премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, го усогласиле програмскиот дел од можното владино коалицирање, а ги почнале и разговорите за кадровските поместувања кои ќе мора да ги претрпи сегашната влада по влезот на Алтернатива во неа.

Неофицијалните информации се дека Алтернатива побарала едно вицепремиерско и две министерски места во идната влада. Но, во соопштението од средбата, лиферувано од Владата, се наведува дека било разговарано за можните кадровски решенија за министри, заменици министри и други раководни лица во централната власт, но без детали за кои министерски позиции се разговарало и кои се кадровските решенија кои ги нуди Алтернатива за нив. По средбата ниту Заев, ниту Гаши, пред новинарите не открија за што се договориле, а за што не, и заминаа само со штура изјава дека разговорите биле конструктивни.

„Имавме конструктивна средба, имаме заклучоци, прес службата на владата веднаш ќе ги сподели со вас медиумите“, изјави кратко Заев.

Заев изјава не даде ни на пристигање на лидерската средба, со што по оставката од лидерската позиција во СДСМ во петокот тој уште еднаш ги избегна новинарските прашања.

Гаши пак на влегување во клубот на пратеници одговараше на новинарските прашања, при што за тоа колку и кои министерски места бара Алернатива за влез во владата одговори дека тоа на неговата партија и е второстепено, а приоритете и е продолжување на реформите и евроинтегративните процеси на земјава. Алтернатива не се противи на нов мандатар од СДСМ доколку Заев се повлече од премиерската позиција, но не е за брзи избори.

„Не е одговорно ние да бараме од друга партија кој ќе биде мандатар или премиер. Тоа е работа на СДСМ… Ние сме кажале дека е тоа интерес на сите граѓани да нема брзи избори. Нормално за такво нешто нема гаранција, затоа што секогаш можат да се соберат 61 пратеник и да одлучат да се распушти собранието. Ние би сакале да се формира влада која до 2024 година ќе работи, ќе ги отвори преговорите за членство во ЕУ“, изјави Гаши.

Гаши во „Клубот на пратеници“ пристигна со Беким Сали кандидат за градоначалник на Чаир од Алтернатива на неодамнешните локални избори, но неофицијално и еден идните министри на Алтернатива во владата.

Заев пак на средбата со Гаши, исто како и на претходната, пристигна со Димитар Ковачевски, кој пред три дена потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ по оставката на Заев, а кој неофицијално веќе и го промовирал Ковачевски за свој наследник во партијата.

Заев и Гаши, како што се информира, во наредните денови ќе направата консултации во своите партии за она што е досега договорено, но и она за што се уште не нашле заеднички именител, по што ќе следи нова лидерска средба.

Влезот на Алтернатива во владата ќе значи зголемување со четири пратеници на  моменталното парламентарното мнозинство на СДСМ и на ДУИ, за кое и двете партии изминативе денови тврдат дека има 61 пратеник, но без да откријат кој е 61-от пратеник во нивните редови.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Таткото Спасески се жали дека мајката го попречува да го види неговиот син

Дејан Дејан

Тројца кандидати го минаа филтерот за Европскиот суд за човекови права

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе