Полицијата соопшти дека 22-годишник од скопски Чаир со лажно видео најавувал дека вчера во 19 часот во скопски трговски центар ќе има терористички напад.
Младиот чаирчанец поставил две видеа на социјалната мрежа Тик ток со „терористичките најави“ кои се покажале како неточни, но набргу го откриле полициските служби за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, за компјутерски криминал и дигитална форензика како и припадници на Агенцијата за национална безбедност.
Приведениот признал дека ги изработил и постирал лажните најавни видеа за терористички напад, кои многу бргу ги избришал. Покрај 22-годишниот, приведени се и неговиот татко, како и едно лице од Студеничани на 26-годишна возраст.
Еве го соопштението на МВР:
По објава на два видео клипа на „Тик ток“ со, како што е подоцна утврдено, лажни закани за можен терористички напад во еден трговски центар во Скопје на 28.11.2021 во 19 часот, веднаш се преземени соодветни мерки од страна на МВР-БЈБ-Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал/Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, СВР Скопје и Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика и Агенцијата за национална безбедност.
Преземени се потребните безбедносни мерки, а утврдени се и лицата- можни креатори на лажните видеа. Известен е јавен обвинител, по чии насоки се обезбедени наредби за претрес на дом кај Н.С. (26) во с.Студеничани и У.И. во Скопје. При претресот на втората локација најдени се дигитални уреди преку кои се објавени лажните видеа. Приведени се Н.С., У.И., како инеговиот син А.И.(22). Во службениот разговор, А.И. признал дека тој ги изработил и пласирал лажните видеа. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.