Стабилна е епидемиолошката состојба и нема потреба за нови рестриктивни мерки за заштита од новиот сој на Ковид 19 е заклучокот по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести.
Доколку се има предвид дека неделната инциденца за 5 проценти е помала во однос на претходната недела, а тоа се чувствува и по состојбата со слободни места во болниците нема потреба за нови мерки, ниту пак за релаксирање на постоечките.
Во однос на мерките ги штитиме и околните земји, со истите се штитиме и себе за влез во земјава, вели Филипче.
“Сметам дека рестрикција некаква во однос на затворање на граници, во однос на карантинизирање на патници кои доаѓаат од одредни земји нема потреба и нема да дадат ефект поради тоа што очигледно е дека се евидентирани во некои европски земји. И до сега видовме дека кога нов сој ќе се појави едноставно не може да се спречи, да се ограничи на една територија, било каде во светов. Очигледно е дека соеви ќе се јавуваат. И понатаму остануваме со овие мерки кои се добро димензионирани. Ако некој не е вакциниран може да патува со ПЦР тест” – изјави Филипче.
Моменталната ситуација во училиштата е стабилна и за сега не се размислува за промена во начинот на кој се одвива наставата, смета министерката Царовска. Сепак доколку ситуацијата стане алармантна ќе се разгледуваат можните сценарија.
“Знаете дека проценката на Министерството за здравство, скринингот покажа дека немаме големи број случаи на новозаразени. Нашите дневни статистики се движи од 0,01 до 0,03, а вкупно во еден момент активни случаи позитивни воо училиштата немаме надминато повеќе од 0, 3 % од вкупно 255.000 ученици со активно физичко присуство” – додаде Царовска.
Во пресрет на утрешната владина седница кога ќе се разговара за новиот предлог на Комисијата, за стимулација на матичните лекари кои ќе постигнат 70% од вакцинација на своите пациенти да бидат наградени со 30 денари по пациент, реагираа дел од матичните лекари кои сметаат дека ваквата финансиска стимулација е понижувачка за нив .
“Апсолутно имааат право да поразговараат за важноста на оваа мерка, а мене не ми се јави ниту еден матичен лекар кој што критикуваше дополнителен стимулативен бонус” – додава Филипче.
Во врска со дополнителните анализи и компаративни студии кои ги побара Владата и споредбата со други земји за ефектот на мерките кои беа спороведени во истите, Филипче вели дека Комисијата ги направила сите студии каков ефект дале тие мерки во Словенија, Грција и Хрватска, сознанијата се дека сепак тие значајно не го зголемиле бројот на вакцинирани.
Нина Стефанова