Македонската влада на денешната седница не ги прифати предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на вакцинацијата против Ковид-19 и наместо тоа побара, како што се вели, дополнителни анализи и компаративни студии за нив.
Владата ги задолжила ресорните министерства и инспекциските служби да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19.
Ова особено се однесува на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.
На денешната седница владата дала согласност и за склучување договор
за деловно-техничка соработка меѓу „ЕСМ“ и ТЕЦ „Неготино” за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 – април 2022, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба.
Со оваа одлука ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија а ТЕЦ Неготино кој 12 години бил ладна резерва, ќе биде ставен во функција, соопшти владата.
