Ралф Рангник ќе биде новиот привремен менаџер на Манчестер јунајтед, кој ќе работи до крајот на сезоната. Германецот е познато име во фудбалскиот свет и е еден од главните креатори на успешната приказна на фудбалскиот проект на Ред Бул, односно клубовите Лајпциг и Салцбург.
Манчестер јунајтед и Ралф Рангник се договориле уште во понеделникот, но на официјалната промоција се чека зелено светло да даде и рускиот тим Локомотив Москва, каде Германецот моментално работи како директор на фудбал.
Медиумите во Англија велат дека Локомотив нема да му прави проблем на Рангник и ќе го ослободи од договорот, па тој ќе може наскоро да биде промовиран на клупата на „Олд Трафорд“. Сепак, не се очекува тој да го води тимот на дербито со Челси претстојниот викенд, па на кормилото ќе остане Мајкл Керик и на овој натпревар, како и на претходниот против Вилјареал во Лигата на шампиони.
Рангник откако ќе ја заврши оваа сезона, ќе се повлече од менаџерската позиција и ќе добие двегодишен договор од Манчестер јунајтед како советник за развој на фудбалот.
Германецот како тренер работеше во Улм, Штутгарт, Хановер, Шалке и Хофенхајм. Во два наврати кратко го водеше и Лајпциг од клупата, каде работеше како директор и е еден од главните креатори на успесите на овој тим, кој е формиран во 2009 година. 63-годишниот фудбалски експерт истата директорска функција ја извршуваше и во австриската филијала, Ред Бул Салцбург.
