Тажна е глетката во Чаир ден по страшната трагедија со македонскиот автобус во Бугарија. Река од деца-соученици на петте загинати дечиња од основното училиште „Исмаил Ќемали“ со поворка и положено цвеќе се простија од нив.
Часовите и наставата ќе останат во втор план, додека сè уште се свежи сеќавањата од дружбите со нивните другарчиња во училишните клупи.
„Трогнати сме сите – и учениците и наставниците и родителите. Затоа денес имаше настава до 12 часот и беше многу жалосно, учениците беа очајни, тешко се одржуваше наставата. По 12 часот, со поворка марширавме до плоштадот „Скендербег“ за да им оддадеме почит на загинатите пет ученици“ изјави Бурбуќе Имери – Директор на ОУ „Исмаил Ќемали“ Скопје.
Кај споменикот на „Скендер Бег“ беа положени цвеќиња, но блиските, соседите, пријателите се простуваат од загинатите и во нивните населби, во соседството каде што вчерашното утро остави вечна празнина.
Петте деца од исто семејство коишто го загубија животот во автобусот се дел од шеснаесеттемина загинати чаирчани во трагедијата.
Затоа општината уште денес, на вонредна седница направи мал гест за неутешните роднини и 1.200.000 денари наменети за новогодишно украсување на Чаир ги додели на нив.
„Се надеваме дека со овој наш денешен чин ќе придонесеме за ублажување на болката на членовите на семејствата коишто ги загубија своите роднини во трагичната несреќа“ изјави Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир.
Тажната и траорна атмосфера владее и денес насекаде низ главниот град. Блиски или не, сите сочувствуваат со трагедијата која им се случи на многу семејства.
„Тие се ептен мали деца, мислам дека шесто одделени. Не ги познавам. Но, трагично е, жал ми е за децата. И за другите загинати ми е жал ама тоа е, нема враќање назад.“
„Трагедија, што друго да каже човек. Сочувство до семејствата.“
Знамињата остануваат спуштени на половина копје и денес, затоа што Македонија живее во тридневна жалост.
Петар Догов
