Македонија

Бочварски ѝ порача на Арсовска да ја преиспита најавата за откажување од БРТ

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ја повика новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, да ја преиспита најавата за откажување од проектот за брз автобуски превоз. Арсовска, наместо БРТ, проект „туркан“ од нејзиниот претходни Петре Шилегов, најави дека ќе се набават 250 еко автобуси, ќе се зголеми бројот на линиите и јавниот превоз ќе биде бесплатен. Бочварски вели дека проектот е во напредна фаза и ѝ порача на градската власт да не носи избрзани одлуки.

Ова е проект кој е планиран неколку години и согласно одлуките во Град Скопје е поднесено барање во Владата за изнаоѓање средства за финансиска поддршка за што се завршени постапките и се обезбедени средства, а и во Собранието е поминато и одобрено задолжувањето со кредит од 70 милиони евра преку ЕБРД. Проектот е одлично оценет од меѓународните експерти дека со него се решава едно големо прашање. Затоа е добро да не се брза со таквите одлуки зашто носи многу бенефити, а и не видовме аргументи од другата страна зошто се запира проектот за брз автобуски превоз, рече Бочварски.

Министерот вели дека е лесно да се набават нови автобуси, но тие само дополнително ќе го оптоварат сообраќајот во градот. Смета дека Скопје го има надживеано традиционалниот сообраќај и му е потребен алтернативен транспорт за кој веќе се обезбедени средства и е распишана постапка за проектирање и градба.

Би сакал да нагласам дека не станува збор за набавка на нови автобуси, туку за изградба на цела инфраструктура, односно нов систем на транспортна мрежа која ќе биде одвоена од другиот сообраќај. Ќе нуди брз и ефикасен превоз со што за 50 отсто ќе се намали времето за патување и транзитирање, бидејќи најголем удел во вкупниот број на возила што сообраќаат низ градот се патнички возила и тоа околу 80 проценти. Затоа сметаме дека овој нов концепт на транспорт ќе има влијание врз намалување на употребата на возилата, како и на намалување на загадувањето. Повикуваме, Градот Скопје да ја преиспитаат одлуката бидејќи секое отстапување од ваков систем на транспорт, нема да донесе поефикасен превоз во главниот град, потенцира Бочварски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе