Новата влада во Бугарија да покаже поконструктивен пристап кон Македонија, побара полскиот претседател Анжеј Дуда денеска од Скопје при што порача дека доколку земјава повторно во декември добие „не“ за старт на преговорите со Европската унија тој лично ќе бара патоказ за Македонија како таа да се справи со ова прашање.
Се надеваме дка новите бугарски власти ќе претстават нова позиција, поконструктивна позиција, по прашањето на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Исто така во мојот капацитет како претседател на Полска, сакам да изјавам дека доколку Бугарија и бугарските политички власти повторно направат проблем со пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ подготвен сум да истапам и да презентирам решение до ЕУ, решение кое ќе и овозможи на Македонија полноправно членство во ЕУ, порача Дуда.
Полскиот претседател сепак е на став дека прво треба да се почека прво да заврши изборниот процес во Бугарија и конституирање на институциите таму.
Бугарија се уште е во изборен процес и чекаме новата влада да биде формирана и ги чекаме конечните резултати од претседателските избори. Таму се уште има прашалници и ситуацијата мора да биде расчистена. И се надеваме дека тоа ќе се случи во неделите што следат, изјави Дуда.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој е домаќин на официјалната посета на полскиот претседател на земјава е на ист став дека прво треба да се почека прво да се изберат и формираат институциите во Бугарија, па потоа да се коментираат изјавите кои стигаат деновиве од Бугарија, по прашањето на македонското пристапување во ЕУ.
Станува збор за изјави, од која било страна да доаѓаат, дали од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или оние кои би требало да ја формираат идната влада, а не знаеме дали ќе успеат да ја формираат. Тоа се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да станат членови на владата, рече Пендаровски.
Притоа шефот на државата во поглед на очекувањето Бугарија да дозволи старт на преговорите со ЕУ во декември, за себе рече дека е претпазлив реалист.
Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да видам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме, рече Пендаровски.
Шефот на македонската држава сепак имаше краток коментар на тврдењата кои стугаат од Бугарија, пред се од бугарското МНР и бугарскиот претседател Румен Радев, дека во Македонија се врши дебугаризација на што кратко рече дека „не се втемелени во реалноста“.
Тамара Грнчароска
