Премиерот попладнево се сретна со пратеникот од БЕСА кој не се појави на седницата за гласање на доверба на влада. Заев добил уверување од Кастриот Реџепи дека, народната волја и натаму ќе биде изразена преку стабилно мнозинство во Парламентот, што значи дека пратеникот нема намера да премине во опозицискиот табор и покрај тоа што претседателот Касами најави дека партијата ќе делува опозициски. На средбата со австрискиот министер, Заев изјавил дека има стабилно мнозинство а очекува и зголемување. Не очекува предвремени избори.Тој утре ќе се обиде да го зголеми мнозинството за уште четворица пратеници од Алтернатива. Со Гаши ќе се сретнат во попладневните часови, а понудата за влез во владата потоа ќе се разгледува и пред партиските органи на Алтернатива. Но, очекувањата се дека ќе биде прифатена. Пратеникот Скендер Реџепи, во телефонски разговор за Телма рече дека, различните мислења меѓу сопартијците се усогласиле и верува дека одлуката ќе биде, партијата да стане дел од Владата. Тврди дека досега немало понуда за министерски позиции и очекува се` да биде појасно по средбата. Убеден е дека, ако одлучат да се приклучат кон власта, тој договор ќе важи до крајот на нејзиниот мандат.
Министерот Бујар Османи тврди дека новото парламентарно мнозинство ќе се официјализира следната недела.
Ако Алтернатива влезе во владата, најверојатно ќе добие едно министерско место, но дали тоа ќе биде замена за Арјанит Хоџа во земјоделство или некое друго, не се открива. Со најавената владина реконструкција треба да се сменат најмалку 5 министри и еден вицепремиер. Но, за опозицискиот лидер реконструкцијата нема да реши ништо.
Претседателот Стево Пендаровски денеска порача, што поскоро да се направи какво и да е парламентарно мнозинство, затоа што премногу време е изгубено на ова прашање. Политичарите, вели, треба што поскоро да се вратат на својата редовна работа, а не да разговараат кој ќе биде на оваа или онаа страна. Голата битка за власт, според него, требаше да престане уште вчера.
Далиборка Демјанска Цветановска
