Македонското здружение на млади правници информираше денеска дека Основниот Кривичен Суд Скопје, донел првостепена пресуда со која полицискиот службеник Г.П вработен во СВР Битола се прогласува за виновен и истиот се осудува на казна затвор во траење од една година за делото Малтретирање во вршење на службата член 143 од Кривичниот законик.
Станува за збор за настанот кој се случи пред нешто повеќе од една година, кога полицајците, како што се виде на тогаш објавената видео снимка, употребија сила врз група роми, пред поштата во овој град, откако синот на тепаниот Невзат Јашаровски, возејќи автомобил, удрил во бандера.
Потоа следуваа и протести на Ромите жители на Битола, кои обвинуваа за полициско насилство. МВР во септември минатата година поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција против полицаецот осомничен за малтретирање во вршнење на служба , поради неоснована употреба на физичка сила против битолчанецот.
Натепаниот Невзат Јашаровски за веб медиумот sdk.mk изјавил дека е благодарен за пресудата бидејќи не очекувал да биде во негова корист.