Македонија Најважни

Реџепи – Зејд ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, но се калкулира со рокот за гласање на недоверба на владата

Нова иницијатива за гласање на недоверба на владата со потпис на пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд, дополнет со потписи на 19 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ треба да биде поднесена утре до Собранието. Ова за Телма во телефонски разговор го потврди пратеникот Реџепи – Зејд кој, како што рече, ја прифатил понудата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за нова иницијатива за гласање недоверба на владата, но без потписите на пратениците од Левица.

„Ја прифатив понудата на Мицевски. Утре ќе ја поднесеме новата иницијатива до Собранието“, изјави Реџепи – Зејд за Телма.

Притоа тој информираше дека претходната иницијатива за гласање недоверба на владата ќе биде повлечена. За роковите, односно, кога би се одржала собраниската седница по новата иницијатива за недоверба на Владата, Реџепи – Зејд вели дека на претседателот на Собранието ќе му предложат да остане веќе закажаниот термин за седницата в четврток со оглед дека, како што вели пратеникот од Алтернатива, Деловникот предвидува гласање за најдоцна три дена од поднесената иницијатива, а може да се гласа и првиот ден.

Информацијата за поднесување на нова иницијатива за Телма, ја потврдија и од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму пак за Телма информираат дека за повлекување на веќе поднесената иницијатива се разгледуваат опциите кои би гарантирале да нема да има одложување на гласањето по прашањето за недоверба на владата, односно тоа да се случи в четврток. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во тек се консултации по ова прашање по што ќе ја известат јавноста.

Деловникот на Собранието пак во тој дел е прецизен – за да се гласа мора да поминат три дена.

„За поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница. Седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, гласи овој член.

Доколку новата иницијатива, како што е најавено, биде поднесена утре, рокот за одржување на седницата за гласање на недоверба ќе тече од четврток, што значи дека гласањето би се одржало в сабота.

Деловникот пак во член 214 предвидува иницијатива за гласање на недоверба на владата да може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата. Доколку претходната иницијатива не се повлече и в четврток сепак се гласа по прашањето за недоверба на владата, според Уставот, во наредните 90 дена такво гласање не може да се повтори.

„Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници“, е наведено во Уставот.

Пратеникот Реџепи – Зејд вчера изјави дека не сака потписот на иницијативата за недоверба на владата да му стои со потписите на пратениците од Левица, со што се разниша мнозинството од 61 пратеник за уривање на владата. Тој дури и се закани и со напуштање на партијата и со враќање на пратеничкиот мандат доколку Алтернатива се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица.

Реџепи Зејд за Телма вечерва со потврдата дека ја прифаќа понудата на Мицевски информираше дека на ниво на партија Алтернатива одлуката ќе ја носи на утрешниот состанок.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: „Вреди“ нема да остане со девет пратеници, четворица од Европски фронт ќе се приклучат кон мнозинството

Дејан Дејан

(Видео) Силјановска Давкова: Не го разбирам потегот на Таравари да излезе од влада

Дејан Дејан

(Видео) Сиљановска Давкова: Во понеделник наутро ќе го поднесам мојот предлог за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе