Две деца на кислородна поддршка и зголемен број на хоспитализации донесе есенскиот бран на Корона, во детската болница „Козле“.
Најмногу пораснал бројот на амбулантски прегледи, што сепак е предвесник и на хоспитализации кои следуваат по компликации на болеста кај младите пациенти.
Тоа што ги загрижува докторите е потешката клиничка слика со која се карактеризира болеста во овој бран.
Доктор Галбова која секојдневно е со најмладите пациенти предлага до надлежните да размислат дури и за привремен прекин на наставата во период од две недели, за да се прекине ланецот на нови случаи, бидејќи ако пред некое време ретки биле случаите на зараза во класовите, сега по 4-5 деца се во изолација.
„Двомесечно бебе е најмладиот пациент којшто во моментов се лекува во детската болница „Козле“. Но лекарите велат колку се помлади децата, толку полесно го поминуваат вирусот, затоа што не развиваат пневмонија“.
Исклучително ретки се случаите, толку млади пациенти да развијат пневмонија. Тоа обично е случај кај пациентите над 9 годишна возраст.
Но, потврда дека расте бројот на заразени деца се податоците на Институтот за јавно здравје, дека за 33% е зголемен бројот на случаи кај пациентите во возрасната група од 0 до 9 години.
Во извештајот дури 33 од 34 градови низ Македонија се обележани со црвени точки на мапата на Институтот за јавно здравје како места каде што минатата недела се ширел вирусот.
Во периодот од 1 до 7 ноември се запишани 3.504 нови позитивни случаи, што во споредба со 2.804 од неделата пред тоа, е зголемување за цели 25%. Најзабележително зголемување на бројот на заболени има во возрасната група од 0 до 9 години, или во проценти изразени тоа 33%.
„Според проценката на ситуацијата, земајќи ги предвид показателите на Светската здравствена организација за можноста за понатамошно ширење на вирусот и капацитетите за одговор на земјата, се проценува дека Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија и е со умерени капацитети за одговор“ – соопштија од институтот за јавно здравје.
Минатата недела се пријавени дури 49 реинфекции. Пациенти се заразуваат по вторпат и тоа не е новитет, за споредба, во последната недела од октомври биле запишани 38.
Во однос на смртноста, пријавени се 79 починати во 19 градови, во споредба со 71 смртен случај во претходната недела.
Петар Догов
