Драмскиот театар од Скопје, вечерва гостува на меѓународниот фестивал „Рута Група Триглав“, во Сараево со монодрамата „Кармен“, во изведба на Билјана Драгиќевиќ Пројковска.
Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, преводот е на Ненад Велковски, сценограф е Валентин Светозарев, сценските движења ги креира Олга Панго, костимограф е Раде Василев, композитор е Горан Трајковски, а фотографиите и дизајнот на плакат се на Елена Бојаџиева.
Претставата „Кармен“ премиерно беше изведена во мај минатата година. А, Билјана Драгиќевиќ – Пројковска за улогата во оваа монодрама ја освои наградата за најдобар актер на Фестивалот на монодрамата во Битола, оваа година.
Фестивалот „Рута Група Триглав“ е составен од шест театри од регионот: МГЛ Љубљана, Словенија, Театарот Улисис, Загреб, Хрватска, Камерен театар 55, Сараево, Босна и Херцеговина, Градски театар Подгорица, Црна Гора, Драмски театар Скопје, Македонија, и Белградско драмско позориште, Србија. Основната цел на фестивалот е поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациона смисла. Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни ко-продукции или други форми на соработка, велат од Драмскиот театар.
Со почит,
Драмски театар Скопје