По завршувањето на АТП и ВТА турнирите во Виена, Санкт Петербург, Клуж и Курмаер објавени се најновите ранг листи. Најголеми промени има кај дамите каде меѓу првите десет за прв пат во кариерата се најде Естонката, Анет Контавеит.
Ешли Барти и натаму е на чело на ВТА листата со 1600 бода предност во однос на Ирина Сабаленка. Барбора Крејчикова ја смени позицијата со сонародничката Каролина Плишкова и сега е трета, а на петтото место се задржа Гарбиње Мугуруза.
Марија Сакари напредуваше една позиција идентично како и Онс Жабер, а најголем скок бележи Анет Контавеит која е на осмото место и го бележи најдобриот пласман во кариерата. Ангелик Кербер повторно се врати меѓу најдобрата десеторка која ја заокружува Ига Свјонтек.
Кај мажите нема поголеми измени. Новак Ѓоковиќ ја задржа предноста во однос на Данил Медведев, Стефанос Циципас остана на третото место, а меѓу првите пет се уште Александер Зверев и Рафаел Надал. Андреј Рубљов остана шести пред Матео Беретини и Каспер Руд.
Јаник Синер има скок од две позиции и сега е деветти додека меѓу десетте најдобри остана и Полјакот, Хуберт Хуркач.