Ветувања за реализација на проекти но повеќе трошење време за водење валкана кампања. Двајцата противкандидати Петре Шилегов и Данела Арсовска во вториот изборен круг влегоа во медиумски препукувања, обвинувања, омаловажувања.
Граѓаните на Скопје немаа можност да проследат ТВ дуел. Арсовска одби да седне на маса со Шилегов се додека тој не се извини за сите дискредитации и лажни вести на нејзина сметка.
До крајот на кампањата тој тоа не го стори.Убеден е дека во недела ќе победи на изборите.
Независната кандидатка поддржана од ВМРО ДПМНЕ и Алијанса на Албанците/Алтернатива, Данела Арсовска вели дека никогаш не бегала од дебата но не сака да се соочи со некој кој континуирано ја дискредитира.
Во изминатите денови СДСМ објави дека таа има бугарско државјанство и лична карта на што возврати дека тоа се само лаги и манипупации.
А на што се темелеа нивните програми и концепти за развој на главниот град. Арсовска вети бесплатен јавен превоз и 250 еколошки автобуси, изградба на 5 нови булевари и паркинзи, отворање на нови забавни паркови, модернизација на градската библиотека, поефикасна администрација, чистење на сите депонии.
Шилегов пак нуди решение за гасификација, сувбвенции за инвертер клима уреди, БРТ превоз со посебна траса, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче да се стасува за 35 минути, нови булевари, возобновување на Луна паркот, дислокација на тешката индустрија надвор од градот.
За партиски активности им остануваат уште неколку часови по што настапува изборен молк.
Јулијана Пешевска