Еден час по полноќ, со авион од англиски Лутон пристигна првата група Mакедонци евакуирани после падот на Авганистан. Седуммината беа вработени во компанијата „Black Snake Consulting“ за која работеле како скенери на апарати за проверка на оние што ќе влегуваат во воената база. На различна возраст, со различен стаж во Кабул, но со иста драма ја поминаа последната седмица. Препознатливи по големите воени ранци, евакуираните ни кажаа дека се вратиле по нивно барање и откако е утврдено дека сите се вакцинирани со по две дози. Избегнаа да зборуваат пред камерата на Телма, за да помине време, да одморат и пред се да се вратат на своите најблиски кои ги чекаа пред аеродромската зграда. Во краткиот разговор не кажаа многу детали, а се заблагодарија на институциите кои им помогнале при извлекувањето.
На крајот, особено последниот викенд беше опасно. Фирмата веднаш не подготви за евакуација според планот за такви ситуации. Првин чекавме на аеродромот во Кабул, потоа бевме префрлени во Абу Даби, па две вечери поминавме во Лондон. Најважно е што сите македонци се извлечени и колку што ни е познато, веќе никој нема останато во воената база во Кабул каде што работевме сите, но за различни компании, ни рече еден од седмината вратени.
Уште 66-мина Mакедонци се евакуирани од Кабул, но поради епидемиолошките мерки остануваат во три различни града. Најмногу 32-ца се во англиски Свиндон и оние со кои контактиравме ни рекоа дека ги чекаат резултатите од ПЦР тестовите за корона. Извлечени се, а додека биле на работа постојано добивале контрадикторни информации од локалните медиуми, првин дека талибанците освоиле 80, па 50 одсто од територијата и на крај одеднаш им било кажано дека талибанците се во Кабул. Уште седум Македонци се во Норвешка, во Осло, а 27 се во Доха, Катар во американска воена база. Покрај македонските државјани од Авганистан треба да пристигнат и околу 450 други бегалци вработени во хуманитарни мисии, невладин сектор, стипендисти, новинари и семејства на загрозени хуманитарни работници. Иако првите се најавуваа за крајот на неделата засега нема нови информации од владата за пристигнувањето на овие загрозени хуманитарни бегалци од Авганистан кои треба привремено да бидат згрижени во Македонија.
Миомир Серафиновиќ
