Во Основниот суд во Охрид денеска во 11 часот почнува судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, кој се случи на 15 ноември годинава. Судскиот процес ќе го води судијката Александра Поп Стефанија.
Според пријавата, по претходна расправија, обвинетиот физички ја нападнал девојката во автомобилот, а насилството продолжило и откако го запрел возилото. Ѓорѓиеска изгубила свест и била пренесена во болница, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. На обвинетиот претходно му беше определен притвор во траење од 30 дена.













