Браќата Славе и Слободан Никовски од маалата Мокра Ливада во делчевското село Нов Истевник се првите кои доставиле барање до општинската Комисија за проценки на штети, по големиот пожар во Пијанечко-Малешевскиот регион.Пред два дена го доставиле, а веќе утре комисијата излегува на терен за да им ја процени штетата на изгорените краварска и свињарска фарми, бачило, но и стока, пчели,како и на куќата која огнот до темел им ја пеплоса. Пожарот им го зеде и целото производство на сирење.
Делчевскиот градоначалник, Горан Трајковски за Телма вели дека на браќата Никовски веќе им е доставен половина тон храна за стоката, а се прават напори и за дополнителни количини. Во вторник почнува и изградбата на куќата на Ѕвонко од истото село.
Во Берово комисијата за проценки на штети се очекува повикот до граѓаните да го објави за два дена. Во Малешевијата пожарите стивнаа пред четири дена. Изгореа над 6.000 хектари шума, од кои најголем дел во Пехчево, потоа Делчево и Берово.Полицијата на информативен разговор повика и неколку лица за пожарот кој се активираше на Илинден од делчевското село Нов Истевник, а фатена е и измамничката група, која печалеше на маката на сточарите со набавка на сточна храна. Акцијата била координирано од осуденик, кој веќе е зад решетки.
Викторија Јованова
