Ромелу Лукаку го напушти Интер и се врати во својот поранешен клуб Челси во трансфер вреден 115 милиони евра.
Белгиецот вечерва и официјално го комплетираше трансферот на „Стемфорд Бриџ“. Напаѓачот потпиша петгодишен договор вреден 12 милиони евра по сезона. Ќе го облече синиот дрес по пауза од седум години.
Лукаку беше дел од Челси од 2011 до 2014 година, но не се изнаигра во клубот. Потоа беше дел од ВБА, Евертон и Манчестер јунајтед. Ја воскресна својата кариера во дресот на „нераѕурите“ изминатите две сезони, а лани беше еден од најважните играчи во освојувањето на „скудетото“.
Сепак, поради финансиските проблеми, Интер мораше да ги продаде своите двајца највредни играчи, бидејќи претходно си замина и Ашраф Хакими, кој направи трансфер во ПСЖ за 70 милиони евра.