Формирана е комисијата за проценка на штети од големиот пожар на територија на Делчево, од каде што почна огнената стихија на втори август. Изгорени се куќи, викендици, фарми, стока. Мештаните од денеска можат да ги пријавуваат штетите во општината, а комисијата истиот или наредниот ден веднаш ќе излезе на терен.
Комисии, но и вработените од Национални шуми по локализирањето на пожарите ќе влезат во шумите, а денеска во обиколка на Малешевско-Пијанечкиот регион беше заменик министерот за земјоделство, шумарство, водостопанство, Трајан Димковски, кој ги посети сточарите, пчеларите и земјоделците, на кои им изгоре се што создавале со децении. Најави интервентна мерка за обезбедување на сточна храна, токму пред пет дена Телма го пренесе барањето на сточарите и ветеринарните лекари, со цел да не трпи производството на брендираното малешевско сирење, но и јагне и мед.
На Илинден се активираа пожарите во Кочани и Малешевско Пијанечкиот регион. Во Кочани, каде што постоеше опасност огнот да проголта три населби, почната е проценката на штетите, а ќе трае до 17 август. До комисијата се пристигнати 31 барање.
Викторија Димитрова Јованова
