Култура

Колегите од Драмски за Сабина Ајрула- Тозија: Изгубивме прекрасна актерка и човек

По кратко, но тешко боледување  на 75 годишна возраст почина актерката Сабина Ајрула- Тозија. Таа беше една од оние заслужни актери за ѕвездените години на нејзината матична куќа, Драмскиот театар, а исто така со успех го афирмираше македонскиот театар во Европа и низ светот.

Изгубив сестра, голем другар и исклучителна колешка која се грижеше за нас во Драмскиот театар, професионално, но и приватно, вели актерот Благоја Чоревски кој 5 децении ја делеше сцената со Сабина Ајрула-Тозија, а и семејно беа блиски.Нејзината смрт, за него е и лична, но и голема колективна загуба.

  • Нашата Македонија изгуби прекрасен актер, прекрасен човек. Навистина човек кој македонското глумиште го промовираше низ Европа. Да не говорам за нејзината Турција , која исто така ја сакаше бескрајно. Јас ја паметам и ќе ја паметам, а и голем дел од гледачите ќе ја паметат по претставата „ Болва во уво“, во која игравме 20 години непрекинато. И болни, со температура ја игравме- Благоја Чоревски –актер.
  • Беше одлична колешка, работлива, вредна, исполнителна. А, се дружевме исто така и вон сцената. Ја паметам како весела, духовита, расположена секогаш за дружба. Ја паметам како голем гурман кој уживаше во добро јадење, во добра чашка вино. Многу ја нервирав кога ќе отидевме на турнеи, па одевме заедно на ручек или вечера. Јас многу бргу ќе изедев сè што беше донесено. Таа уживаше, тоа траеше многу долго – Мајда Тушар- актерка.

Сабина Ајрула-Тозија во кариерата одигра над 70 улоги. Настапуваше во Турскиот, МНТ, во театарот во Велес и скопскиот Театар за деца и млади. Сепак,  нејзините најмаркантни улоги со култивиран пристап, критиката ги бележи од  нејзиниот Драмски театар.

  • Широк дијапазон кој и овозможуваше да толкува рољи од различни жанрови и во различни драмски дела, вклучително и дела со фолклорна тематика. Тоа ја објаснува нејзината појава во улогата на Гертруда од „ Хамлет“, нејзината улога во „ Дамите од Аламо“, која што се чини дека беше поспецифична за нејзиниот актерски сензибилитет. Тука се и рољите, како оние во „ Солунски патрдии“. И не можам тука , а да не споменам дека таа имаше изострено чувство и сенс за играта пред камера – Тодор Кузманов- театарски критичар.

А, таму започна 1969 во филмот „ Време без  војна“, па се редеа „ Црвениот коњ“, Тетовирање“,„ Ангели на отпад“, „Сенки“, „ Духот на баба Илонка“… Настапи и во  популарните турски серии„ Сулејман Величествениот“ и „ Ескија“ и во нашата детска серија „ Зоки Поки“. За успешната долгогодишна работа Ајрула ја доби наградата „ Св. Климент Охридски“, а од фестивалот „ Војдан Чернодрински“- наградата за животно дело.

Погребот на Сабина Ајрула ќе биде во петок во 9 часот на гробиштата –Бутел. Ќе ни недостасува на сите кои ја знаевме и приватно и професиолнално.

Сотир Трајков

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе