Претседателот на Собранието Талат Џафери ги распиша локалните избори. Ќе се одржат на 17 октомври а 20 денови претходно според изборниот законик започнува кампањата. Во тој период собранието нема да има седници освен ако е неопходно.
Попладнево се очекува одлуката за распишување на Локалните избори да биде објавена во „Службен весник“, а уште вечерва ДИК ќе заседава и ќе го донесе Роковникот на изборни дејствија.
Изборот на членови на совети и Градоначалници сепак ќе се изврши по стариот изборен законик иако имаше обиди од најголемите партии тој да биде променет.
Се поизвесно е дека нема менување на изборните правила за два цензуса: а поднесување независна кандидатска листа со потписи на најмалку 2 одсто од запишаните избирачи во таа општина и за избор на префериран советник со добиени најмалку 3 % гласови.
На ова се противеше шефот на државата, невладини организации и голем број помали партии, но имаше и опомена од ОБСЕ дека Изборен законик не се менува на два месеци пред избори.
Инаку на овие избори за прв пат треба гласачот да е идентификуван преку отисок од прст.
Од ДИК велат дека тендерот е завршен и ќе биде склучен договор со германската компанија „Дермалог“ за опремата. во рок од 20 дена, ќе бидат набавени 5 одсто, значи 200 апарати кои ќе служат за обука на одборите и комисиите, а потоа и целосната опрема.
Во ДИК се надеваат дека оваа постапка ќе обезбеди остварување на гласачкото право според принципот „еден гласач-еден глас“.
Билјана Николовска
