Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Божиновска останува министерка, интерпелацијата отфрлена

/

Македонија

Сподели преку :

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, останува на функцијата. Само 19 пратеници гласаа „за„ таа да си замине, додека 63-ца беа против.Пратениците од Левица бараа политичка одговорност од неа, затоа што сметаат дека лошо го менаџира енергетскиот систем.

Меѓу аргументите зошто треба да си замине од функцијата ги наведоа и задолжувањето на ЕСМ, високите сметки на граѓаните, профитирањето на приватните монополи и оставањето на јавните ресурси без заштита.

-Во овие две години гледаме потполн молк од министерството за енергетика и целосна инертност за подобрување на условите за живот на граѓаните. Гледаме само премолчување за да остане статус квото кое го штити и храни постојниот енергетски систем. Нашите граѓани тонат во енергетска сиромаштија и несигурност, а ние имаме безгласна буква за држава која е енергетски сиромашна и енергетски зависна, рече Амар Мециновиќ, пратеник од Левица.

Министерката се заблагодари на интерпелацијата, велејќи дека ѝ дале можност да ја претстави работата на министерството. Рече дека расправата се води врз основа на обвинувања во кои се мешаат ингеренциите на владата, министерството, ЕСМ, РКЕ и општините и побара подносителите да ја прифатат одговорност за точноста на изнесените тврдења.

– Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост. Не може различната висија за енергетиката да се прогласи за кршење на уставот. И не може обвинувањето да стане факт затоа што сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација. Уставот и законите не се политички пароли туку темелот врз кој треба да работи секоја институција, рече Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Опозицијата обвини и дека, проектите „Чебрен“ и „Галиште“, сè уште немаат затворена финансиска конструкција и се далеку од изградба, а власта не го искористува енергетскиот потенцијал на државата. Побараа и проверка на информации дека во македонската енергетика се создава посебен тарифен модел.

Мнозинството ја бранеше работата на министерката велејќи дека го наследила главното енергетско претпријатие со 180 милиони евра минус, а сега е 6,8 милиони евра во плус, дека електричната енергија не е поскапена, а на „Чебрен„ и „Галиште„ треба догодина да се удри камен темелник.

– Постојат информации за случаи кога во часовите на интензивно сончево производство на сопствениците на фотоволтаични електрани им се нуди откуп по нула евра за мегават-час, додека истата електрична енергија понатаму се продава на пазарот во соседна држава по цени од над 30 евра. Овие информации бараат проверка на конкретни договори и трансакции.Особено е важно да се утврди кој ја презема инвестициската одговорност, кој располага со пристап до пазарите и кај кого завршува економската вредност на произведената енергија. Јавноста има право да знае дали меѓу корисниците на вакви пазарни услови има компании и поединци кои деловно или политички се поврзани со функционери на ВМРО-ДПМНЕ и дали таквите врски имаат какво било влијание врз институционалното постапување или непостапување, рече Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ. Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ

-За работата на министерката ќе кажам само три бројки. Прво, 127 проценти зголемени приходи од концесиски надоместоци за минерални суровини. Второ,по 13 години повторно профункционира продуктоводот Солун -Скопје и е почната изградбата на нови гасни интерконекции со Грција и Србија и вовлекување во вертикалниот коридор. Ова е суштината на производството и трансмисија на електрична енергија, рече Стојановски.

Во расправата беа отворени и прашањата за реформите за поврзување со европскиот пазар, откупот на струјата од фотоволтаиците и пречките за приклучување на нови производствени капацитети.

Далиборка Демјанска Цветановска

Jumbo 2