Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Гужва пред српската, празно пред бугарската амбасада – различен интерес за гласањето во Скопје

/

Македонија

Сподели преку :

Празно пред бугарската амбасада, гужва пред српската. Ваква е сликата од гласањето на бугарските и српските државјани во Скопје на изборите во нивните држави. За гласање на парламентарните избори во Србија, во  Македонија се пријавиле 1.438 лица. Гласаат во Скопје и во Куманово. Според известувањето од српската амбасада, двете избирачки места се отворени од 7 часот по локално време. Почесниот конзул посака мирен и фер изборен ден.

– Се надевам денот да помине мирно и во најдобра атмосфера, рече Михајло Филев, почесен конзул на Србија во Македонија.

Повозрасните граѓани кои дојдоа да гласаат открија дека не сакаат промени.

-Јас искрено не сум за промени во оваа голема криза на светско ниво. Очекувам да продолжи досегашната политика за подобрување на стандардот. Незадоволство постои, но треба да се даде уште една можност да се продолжи со досегашната политикa“, изјави Лилјана Савиќ Тодоровска.

-Моментот е непопуларен и за регионот воопто, затоа е подобро да остане она што е веќе познато. Овде не видовме некој план и затоа е сето тоа ризично“, рече Стојана Стојановиќ.

Ваквиот став предизвикуваше незадоволство кај помладите кои чекаа да гласаат, но не беа расположени да зборуваат пред камера.Тивко  коментираа дека посакуваат и очекуваат промени.

Според пописот од 2021 година, во Македонија 23.847 лица се изјасниле како Срби, односно 1,30 отсто од резидентното население.

Избирачките места во Скопје и Куманово се дел од мрежата од 93 гласачки места во 37 држави. За гласање надвор од Србија се пријавиле вкупно 102.147 избирачи.Се избира меѓу 18 листи со вкупно 2418 кандидати. Голем дел од јавноста е поделен помеѓу листата чиј стожер е Александар Вучиќ и Српска напредна странка и Студентската листа која произлезе од двегодишните протести по падот на настрешницата во Нови Сад, при што загинаа 16 лица.

Се гласа и во соседна Бугарија, но интересот за гласање во Македонија е многу слаб. Само 265 бугарски државјани се пријавиле за да можат денеска да гласат на претседателските избори во оваа држава иако се отворени седум гласачки места во Скопје, Битола, Струмица, Прилеп, Кавадарци, Кочани и Охрид. Ова е речиси двојно помал број од пријавените гласачи на парламентарните избори во април. Никој од ретките гласачи во амбасадата во Скопје не беше расположен за изјава.

Според податоците од пописот од 2021 година, во Македонија како Бугари се изјасниле 3.504 лица.

На претседателските избори се гласа помеѓу 27 кандидатски двојки, а меѓу најистакнатите се актуелната претседателка Илијана Јотова со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев, Андреј Ѓуров и Георги Кандев, како и Костадин Костадинов и Петар Волгин…

Доколку ниту една кандидатска двојка не ги исполни условите за победа во првиот круг, вториот круг е предвиден за 1 ноември.

Далиборка Демјанска Цветановска

Jumbo 2