Опозицискиот СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски не презема мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, додека трошоците за живот и цените продолжуваат да растат.
Во соопштение до јавноста, партијата наведува дека октомвриската синдикална минимална кошничка надминува 70.000 денари, а со трошоците за кирија достигнува речиси 90.000 денари. Според СДСМ, од почетокот на годината трошоците за живот се зголемиле за 4.000 денари, додека минималната плата останува 26.000 денари.
Од партијата тврдат дека околу 180.000 работници примаат плата пониска од 31.200 денари месечно и дека ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните трошоци на едно семејство.
СДСМ ја обвинува Владата дека ги одбила нивните предлози за минимална плата од 600 евра и поддршка за земјоделците, како и дека не презела соодветни мерки за справување со поскапувањата. Опозицијата предупредува и на нови поскапувања од јануари следната година, вклучително и повисоки сметки за електрична енергија и парно.
Партијата критикува и дека со ребалансот на буџетот не се предвидени повисока минимална плата, мерки за ограничување на поскапувањата и дополнителна помош за земјоделците, додека, според неа, се зголемува задолжувањето на државата.
„И со новиот ребаланс повторно исто: нема повисока минимална плата, нема мерки против поскапувањата, нема помош за земјоделците. Има нови долгови и високи камати, чија сметка ќе ја плаќаат граѓаните и идните генерации. За само две години Мицкоски го зголеми долгот за 4 милијарди евра, половина од вкупниот досегашен долг на државата. Долг врз долг, ребаланс врз ребаланс – а за народот нема пари, граѓаните сè потешко живеат“, наведува опозициската партија во соопштението.













