Ковид19 Топ вести

6 случаи на делта сојот го ставија Бризбејн во карантин

Во обид да го спречат ширењето на делта варијантата на коронавирусот, се повеќе региони во Австралија и големи урбани центри воведуваат строг и ограничувачки карантин за своите жители.

По Сиднеј и државата Нов Јужен Велс, од денеска под локдаун е и Бризбејн со над 2 милиони и 300 илјади жители и целата државата Квинсленд.

Овој карантин во Квинсленд се спроведува откако вчера беа детектирани 6 случаи на делта варијантата, бројка која за поголем дел од државите не е причина за загриженост, но не и за Австралија.

Сите 6 случаи се поврзани со еден средношколец кој добил позитивен тест пред 2 дена.

“Сите влади во Австралија сега разбираат дека кога се справуваме со делта варијантата, единствен начин, единствен начин е да се реагира строго и брзо. Такви совети ни се дадени, такво задолжение ни даде премиерот. Тоа и го правиме денеска” – изјави Стивен Мајлс, заменик премиер на Квинсленд.

Карантинот ќе биде најстрогиот досега во Бризбејн. Луѓето кои ќе бидат под карантин, ќе може да ги напуштат своите домови само за да купат неопходни производи, заради неодложни работни обврски, заради медицински причини или за да спортуваат на отворено.

Локалните власти очекуваат мерките да траат релативно кусо, додека не се стави под контрола бројот на позитивни случаи.

Во Нов Јужен Велс, австралиската држава каде карантинот трае веќе еден месец и ќе трае уште најмалку толку, денеска беа регистрирани нови 210  заразени со Ковид-19, од кои 21 не се контакт на претходно познати случаи.

Починал еден маж на возраст од 60-тина години, со што бројот на починати од почетокот на пандемијата се искачи на 70.

Во текот на претходниот ден биле направени речиси 106 000 тестови за Ковид-19, додека Делта варијантата најмногу се шири меѓу помладите жители на Австралија.

“Сакам да кажам и дека делта варијантата особено се шири меѓу помладите луѓе. Дефинитивно циркулира меѓу помладите лица и сакам да подвлечам дека од 210-те нови случаи, 2/3-тини од нив, 138 случаи се луѓе под возраст од 40 години” – вели министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Бред Хазард

Карантинот во Сиднеј беше воведен кон крајот на јуни а по последното продолжување, се повеќе се шири и незадоволството кај локалните жители.

По протестите за укинување на карантинот од минатиот викенд, полицијата патролира низ улиците на вториот најнаселен град во Австралија.

Повеќе од 1000 полицајци ги контролираат приодите кон центарот на Сиднеј според локалните медиуми.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата размислува сама да ги гради Чебрен и Галиште

Kristina Kuzmanovski

Сиљановска-Давкова го поздрави нон пејперот што го иницираа Мерц и Макрон

Kristina Kuzmanovski

Расте бројот на загинати по силниот земјотрес на Филипините

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе