Македонија Најважни

Топлотен бран во следните денови – Македонија влезе во портокалова фаза

Граѓаните во потрага по секоја сенка надвор и секоја чешма за да се разладат. Секој со полесна облека на себе, капа или шешир, очила за сонце. Во следните неколку дена Македонија ќе живее среде топлотен бран и температури кои ќе достигнат и до 42 степени целзиусови.

Т.н. портокалова фаза го вклучи алармот кај институциите па така Владата излезе со соопштение до граѓаните и низа препораки за како да се справат со топлото време.

Од работа се ослободени бремените жени и луѓето над 60 години, а кој нема потреба да не излегува барем во периодот од 11 до 17 часот стои во дел од насоките.

„Посебно треба да се внимава на малите деца. Кај помалите од пет години сè уште не е комплетно развиен терморегулациониот систем. Да не излегуваат без потреба, родителите да не ги изнесуваат во најтоплиот дел од денот од 11 до 17 часот и секогаш да ги хидрираат, да не ги оставаат во возило“ вели доктор Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.

Во Итната медицинска помош деновиве немало зголемен број на јавувања заради колапс, но, строго да се држат луѓето до препораките е клучно – велат оттаму.

„Да не се излегува во периодот од 11 до 17 часот во текот на денот, а сега кога се екстремно високи температурите да не се излегува дури и во утринските и во вечерните часови. Во текот на вчерашниот ден немаме толку колапси колку што се очекуваше со оглед на високата температура и тоа е позитивно бидејќи тоа значи дека граѓаните ги почитуваат препораките и не се движат по топлото време. Но, за жал имаме малку зголемен број на сообраќајни несреќи и имаме еден летален исход од сообраќајна несреќа. И граѓаните зад воланите се малку понервозни заради топлото време, можеби некои од нив немаат клима уреди во возилата или можеби уредите недоволно им ладат. Има секакви ситуации“ вели доктор Милица Бубало, раководителка на Итната медицинска помош.

Граѓаните ги знаат сите препораки до една, но, најголем дел од нив не можат да избегнат да излезат надвор ниту во најжешкото. Оние коишто имаат прилика веќе планираат да го напуштат градот.

„Ќе одам во село утре. Одам на планина и нема да седам во Скопје сигурно. Тоа ми е начинот на справување.“

 

„Опасно е. Не треба да се излегува. Ги знам препораките – од 11 до 17 часот не смее да се излегува, но сега треба да малтретирам друг да оди наместо мене.“

 

„Не се излегува на топло ама јас еве од работа се враќам. Мора да излезеш, мора и да се вратиш. Ако немам таква обврска сигурно не би се шетала по ова сонце.“

Токму работниците се секогаш во фокусот кога се даваат вакви препораки – особено оние од градежиштво. На нив посебно е ставен фокусот и во дел од соопштението од страна на Владата, а засилени контроли од инспектори на терен ќе има уверува министерката за труд и социјална политика.

„Утрово разговарав со директорката на Државниот инспекторат за труд. Тие имаат засилени контроли на терен, прават увид, даваат насоки и совети на работодавачите во утринските часови, а кога треба да трае забраната за работа на отворено ги прават регуларните и вонредни надзори за да видат колку овие мерки се почитуваат“ изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Официјалното известување од надлежните е дека портокалова фаза е прогласена за следните четири дена односно од четврток до недела, а за продолжување на истата дополнително ќе се одлучува ако температурите не се спуштат ниту во периодот потоа.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гаши загрижен за инцидентот со функционерите на Влен на граница со Албанија

Дејан Дејан

Можно труење со храна во ТИРЗ зоната во Штип – епидемиолошки тим земал мостри од храна и брисеви од работни површини во кујната

Sasko Dimovski

Кога ќе се потрошат моменталните залихи, лекот Фостер ќе биде достапен без доплата за граѓаните, рече Клековски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе