Законот за лични карти ги подели владеачките партии. СДСМ нема да даде поддршка за внесување на етничката припадност во обрасците за лични карти. Мислењето го смени откако Европската унија укажа дека тоа не е европски принцип.
БЕСА инсистира на вакво решение во личните карти. Предлог законот го поднесе пред неколку месеци и доби поддршка од другите владеачки партии. Откако Левица го блокираше законот во комисијата со неколку стотици амандмани, БЕСА поднесе амандман со иста содржина на предлогот поднесен од МВР.
Заев најави дека за ова прашање ќе разговара со лидерот на БЕСА, Билал Касами, на утрешниот состанок. Законот е во собраниска процедура, а од изјаснувањето на пратениците зависи динамиката на издавање нови лични карти. Премиерот признава дека за овие нови документи чекаат 12 илјади граѓани и дека таа бројка наредната недела веројатно ќе се искачи на 15 илјади.
Соња Николовска
