Телефоните во поликлиниките ѕвонат, додека лекарите се подготвуваат со вакцините да затропаат на врата онаму каде што ќе бидат повикани.
Преку отворени линии во здравствените домови низ државата се закажува вакцинирање на граѓаните кои од здравствени причини не се во можност да отидат на лице место во пунктовите.
Линиите за закажување се отворени од денес, а повици до поликлиниките стигнувале уште откога беше најавено дека ќе започне вакцинација и во домовите на граѓаните.
„Ние тоа го правевме и досега кај некои граѓани така да им помогнеме, вакциниравме и на паркинг просторот пред поликлиниката и тоа е нешто слично ама ова сега на некој начин ни е легална препорака. Досега, граѓаните требаше да се пријавуваат на vakcinacija.mk, преку Мој термин, и тоа одеше малку покомплицирано. Сега треба само да свртат на телефон, поликлиника „Јане Сандански“ има два функционални броја. Се јавуваат, оставаат адреса, наши екипи одат и ги вакцинираат“ изјави д-р. Боре Радевски, раководител на Поликлиника „Јане Сандански“.
И досега екипи од здравствените домови одеа теренски да вакцинираат – по училишта во населени места, во старечки домови, во затвори. Но, ова е уште еден начин да се доближат вакцините до секој – велат надлежните.
Вакцинацијата се одвива со достапните вакцини, а во земјава сè уште има доволна бројка на дози – и за прва доза и за ревакцина. Дополнително, пристигнуваат и нови пратки.
„Секој вторник во државата се испорачуваат вакцини од производителот Фајзер. Во моментов има 97.200 вакцини од Астра Зенека, 51.510 од производителот Фајзер и околу 284.340 од производителот Синовак“ соопштија од Министерство за здравство.
Од здравствените домови чекаат да соберат информации каде сè ќе треба да се упатат, а додека екипите се подготвуваат да вакцинираат на терен, продолжува и вакцинирањето без закажан термин и ревакцинацијата во големите регионални вакцинални пунктови.
Петар Догов
