Нова шанса за охридскиот регион во УНЕСКО. Природното и културното наследство нема да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност уште две години. Но сега властите во земјава ќе мора да ги спроведат препораките во дадени рокови и под надзор. Прва задача за Македонија и Албанија е да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и да ја засилат соработката. За министерката за култура Ирена Стефоска оваа одлука е последен момент, последен аларм за сите засегнати за да се зачува статусот на Охридскиот Регион.
Веќе три денови се дебатираше за статусот на Охрид во комитетот за светско наследство на 44- та сесија, која се одржува во Кина. Министерот за екологија Нуредини на крај им се заблагодари на Босна и Херцеговина и Русија како најголеми поддржувачи, но и на Австралија и Норвешка за како што рече пријателски совети.
Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство. Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација.
За невладините ова е разочарување, оти на ваков начин на властите кои дозволија уништување на регионот им се дава шанса да продолжат со тоа.
И додека Охрид доби нова шанса, токму невладините денеска излегоа со објава на која се гледа како фекалии се испуштаат од цистерна веднаш до комплексот Свети Наум. Бараат државниот инспекторат да го истражи случајот. Спротивно на ова пак премиерот Зоран Заев на фејсбук напиша дека со заштитата според највисоки стандарди по препораките на УНЕСКО се подобрува и квалитетот на живот на граѓаните и владата го афирмира владеењето на правото.
Билјана Николовска
