Политичарите ги симнаа маските, барем оние за заштита од Ковид-19. Без маски во затворено, без дистанца и маски на отворно, со прегратки и ракувања на партиските митинзи, на приеми, но и со по некој концерт организиран надвор од сите протоколи.
Короната ја нема ни во македонското Собрание, но само за пратениците, новинарите и снимателите кои немаат сертификат за вакцинација немаат пристап во главната собраниска сала, но и во оние каде се одржуваат седниците на собраниските комисии.
Истовремено доколку се погледнат видата и фотографиите од активностите на политичарите изминатиов период се добива впечаток дека пандемијата со короната, барем во Македонија и барем за политичарите е завршена.
Но епидемиолозите не го делат тоа мислење.
„Ако бројката се намалува не значи дека ја нема, дека болеста исчезнала. Се додека не дојдеме на некое завидно ниво, оддржливо завидно ниво, мерките треба да се почитуваат. Значи апсолутно сум за тоа да лицата и понатаму носат заштитни маски и во затворен простор.
– Без разлика дали се вакцинирани?
Да. И да се избегнува енормно групирање на луѓе ако нема потреба за такво нешто“, вели д-р Марија Гочевска, епидемиолог во ЦЈЗ – Скопје.
Во меѓувреме бројоката на новозаболени секој ден се зголемува. Државите се затвораат и воведуваат нови мерки за да се заштита од новиот делта сој, за кој науката веќе докажа дека е најзаразниот сој на коронавирусот, 50 проценти позаразен од британскиот, кој пак само пред неколку месеци во Македонија броеше по 1.000 новозаболени на дневна основа. Освен што е позаразен, кај делта сојот е утврдено дека успева делумно да ги избегне антителата и кај луѓето кои веќе прележале ковид или се вакцинирани.
Тоа по се изгледа не ги загрижува македонските политичари. Но она што повеќе загрижува е пораката која ја испраќаат токму политичарите до јавноста со таквото однесување и непочитување на протоколите за заштита од Ковид-19 кои барем на хартија се уште се на сила во земјава.
Телма од министерството за здравство побара информација кои се важечките протоколи за заштита на коронавирус, и на отворено и во затворено, од каде наведуваат:
– Задолжително е носење на заштитна маска во институции и во затворен простор.
– За оддржување на јавни настани во затвор простор, пополнетоста е 30% од капацитетот и задолжително е носење на заштитна маска.
– Исполнетоста на настани на отворено не смее да биде повеќе од 50%, не е задолжително носење на заштитна маска на отворено.
Владата пак на својата 75 седница одржана на 1 јуни иако ја донесе одлуката за укинување на маски на отворено, препорача тие да се носат доколку се работи за групирање. А изминативе денови како се загреваат партиските машинерии за локалните избори така зачестуваат и партиските групирања, но препораката за носење маски, а особено за дистанца е веќе одамна заборавена, барем од политичарите.
Тамара Грнчароска
