По 7 месеци работа, адвокатската канцеларија Чачарова повторно ќе биде затворена, а адвокатката Тања Чачарова-Илиевска може да заврши во државните служби. Овојпат, некогашна советничка на премиерот Зоран Заев мазно како низ путер, ја помина првата пречка во комисијата за избори и именувања и е на добар пат да биде избрана за член на Судскиот совет. Судскиот совет се грижи за независноста и професионалноста на судството, ги разгледува претставките на незадоволните граѓани и најбитното избира и разрешува судии, претседатели на судови и поротници. Исто така контролира и определува како ќе се троши судскиот буџет. На вакво место ќе се упати Чачарова, на чиј профил на фејсбук стои фотографија од владините канцеларии ама со изборно мото на СДСМ. Таа во телефонски разговор тврди дека не е дел од политичка структура и дека секогаш и било чест кога некој од неа барал адвокатски услуги и правни консултации.
Не сум била во политичка структура, а членувањето во судскиот совет ми претставува предизвик како на секој адвокат којшто сака напредок во кариера. Во канцеларијата на премиерот Заев бев вработена во постојан работен однос врз основа на стручните достигнувања. Никогаш не сум одбивала ангажман или некому да бидам консултант, а во биографијата може да видите дека многу сум соработувала и со невладини организации. Секогаш ми била обврска и чест кога некој од мене барал правни услуги, а посебна чест и гордост е доколку премиер барал правни консултации од мене, рече Чачарова во телефонски разговор со телма, а за снимена изјава вели дека е прерано.
Чачарова ќе стане член на судскиот совет доколку добие потребно собраниско мнозинство. Во нејизната биографија со која беше подобра од други две кандидатки стои ангажманот во кабинетот на Заев, наведено е и дури завршениот 4-ти степен по англиски јазик, но не е впишано и дека била повереник на државниот капитал во Телеком, номинирана од владата пред 3 години. Во разговорот ни тврдеше дека лани во ноември кога се повлекла од владата не размислувала за функција во судскиот совет и немала информации дека еден од членовите Владе Богдановски ќе си даде оставка. Чачарова има 58 години, магистар е по деловно право од 2015-та, и е адвокат од 1995-та година.
Миомир Серафиновиќ
