Само пред два дена тврдеше дека ќе биде проблем да се поклопи изборната кампања со пописот, сега вели: ништо страшно. По отпорот кај опозицијата, премиерот ретерира во ставот околу датумот за локалните избори.
Уште е неизвесно и дали на изборите ќе се гласа со отпечаток од прст. По сомнежите за кредибилитетот на избраната фирма која треба да ги обезбеди апаратите за гласање, сега се вршат дополнителни проверки.Тече и десет дневниот рок за жалби, но, доколку се искомплицира процесот поради кратките рокови, Заев сугерира пократок пат.
Во меѓувреме, скриената кампања е во полн ек, но адутите се` уште се кријат, особено во поголемите градови. Заев денеска ќе разговара со Ахмети за заедничкиот настап и поддршка на изборите, но детали не се откриваат.
Можно е СДСМ да кандидира Албанец за Тетово, затоа што од петмината кандидати од општинската организација, тројца се Албанци. Заев тврди дека анкетите за рејтингот во овој град покажуваат само два проценти разлика во корист на ДУИ пред СДСМ. Не сакаше да потврди дали професорот Абдулменаф Беџети е еден од можните кандидати за Тетово. Поддршката на некои места ќе биде уште во првиот круг, а некаде се очекува во вториот круг, зависно од договорот со коалиционите партнери.
Далиборка Демјанска
