Од пченица до отпадни гуми-вака изгледа портфолиото на стратешкиот инвеститор за неготинската фабрика за уништување отпад и производство на струја која ги дигна на нозе и екологистите од главниот град. Бараат детални информации што се подготвува во Неготино. Опозицијата тврди дека ова е нов скандал, власта пак убедува во еколошки проект.
Камионски транспорт, сечење на отпадни гуми кои се користеле како фабричко гориво, но и купување на пченица од државни резерви. Сите овие бизнис зделки се поврзуваат со неготинската фирма Зока или членови на семејството Блажеви кои сега стојат како носители на стратешката инвестиција за Неготино и изградба на фабрика за производство на струја од ѓубре.
Владата тврди дека фабриката за горење отпад во Неготино ќе донесе смрт на сите диви депонии и почиста жива средина. Но екологистите имаат многу забелешки и околу технологијата за уништување, околу влијанието врз животната средина, и за трошоците. Бараат информации од владата и одговор кој стои зад фирмата „Зока енерџи солушн“ од Неготино која е избрана за стратешки инвеститор што ќе вложи 336 милиони евра, а во реалноста има само 4-ца вработени.
Од фирмата „Зока енерџи солушн“ вчера ни изјавија дека нивен соптсвеник е Грин инвестментс од Луксембург, а инвестицијата е поткрепена со средства на моќните банки Голдман Сакс и Рајфајзен банка. Но во централниот регистар не е така запишано. Денеска и портпаролот на владата со уверување дека станува збор за еколошки проект според европски терк.
Опозицијата смета дека изборот на владата е скандалозен бидејќи граѓаните на Неготино и преку рефернедум ги отфрлиле идеите за фабрика за горење на отпад под нивните прозорци.
Сепак владата го одбра стратешкиот инвеститор „Зока енерџи солушн“, која пак има исто име, исто презиме на сопственик и слична адреса како „Зока трејд“, фирма за која веќе биле отворени две стечајни постапки. А таа фирма исто така работела со отпад односно сечење на гуми кои се гореле како фабричко гориво. Во јануари велешкиот суд наредува преку стечајниот управник Ацо Петров, да се поднесе кривична пријава против Зока трејд за „појавени кусоци во движниот имот и залихи“ на друга фирма која била во иста двор со Зока трејд. Сопственичката Зорка Блажева дури успеа да купи пченица за милион евра од државните резерви лани додека судот и отвараше стечај за фирмата. Сега нејзиниот роднина Филип е сопственик на Зока енерџи солушн, стратешкиот инвеститор за нова отпадна зделка во неготинско, операција за која екологистите бараат детални информации од владата.
Миомир Серафиновиќ
