Речиси секој четврти ученик во земјава барем еднаш бил жртва на сајбернасилство. Од 1.623 анкетирани ученици, 136 имале суицидални мисли, 250 пријавиле емоционален стрес, кај 140 ученици насилството се одразило врз училишниот успех, а 130 пријавиле здравствени последици. Ова го покажува истражувањето на Правниот факултет при УКЛО во Битола, спроведено во 32 училишта низ земјава, и тоа во 16 основни и исто толку средни. Учениците најчесто им се доверуваат на родителите, а дури потоа насилството го пријавуваат во училиштето или кај надлежните служби.
-Доминира вербалното насилство , односно насилство кое се заснова на навредливи или понижувачки пораки и коментари од соучениците. Иако во помал процент, сепак загрижува и податокот дека се случуваат случаи на сајбернасилство, преку употреба на вештачка интелигенција или споделување фотографии и видеа, од кои некои и со интимна содржина, вели проф. д-р Ангелина Станојевска од Правниот факултет при УКЛО во Битола.
Според истражувањето голем дел од учениците не го препознаваат ваквото однесувања како насилство, односно ги доживуваат како вообичаена комуникација и забава
-За жал, околу 34 проценти од учениците одговорија дека биле сведоци на сајбернасилство во нивната училишна средина. Индикативен е и податокот дека околу 49 проценти не знаат дали во нивното училиште се случило ваков вид насилство. Ова покажува дека, иако декларативно велат дека знаат што е сајбернасилство, сепак негативните однесувања што спаѓаат во оваа категорија ги поистоветуваат со нешто што го доживуваат како забава и разонода, вели Ивона Шушак Лозановска од Правниот факултет при УКЛО во Битола.
Истражувањето покажува дека родителската контрола врз онлајн активностите често изостанува или е само повремена. Девојчињата почесто се жртви, а како мерки за справување со сајбернасилството учениците ги посочуваат санкционирањето на насилниците и едукацијата за безбедност на интрнет и како да се справат со овие појави.
Емилија Мисирлиевски













