Обвинителката Искра Хаџи Василева доби најмногу гласови, 64, за да го предводи Обвинителството за гонење органзииран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), каде работи две години, а на јавноста последниот период и е позната по судењето против судијата Ѓоко Ристов во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени заѕидани 350.000 евра.
Трајче Пеливанов од Вишото скопско обвинителство добил седум гласа помалку. За Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје се изјасниле 30 обвинители, Фатон Азизи од ОЈО ГОКК освоил 14 гласови, а Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје – шест.
Пеливанов освоил најмногу гласови во подрачјето на гостиварското Вишо обвинителство, а Хаџи Василева во скопското, битолското, штипското и во републичкото. Од 187 обвинители во цела држава, гласале 175, а четворица ги направиле ливчињата неважечки. Кандидатите имаат право на приговор по што ќе се утврди конечниот резултат.
Хаџи Василева, по завршувањето на АСЈО, обвинителската кариера ја почнува во 2016 година во основното скопско обивнителство, а во ОЈО ГОКК оди во 2024 година. Покрај предметот за Ѓоко Ристов, од актуелните високопрофилни предмети го води и случајот против ексдиректорот на земјоделскиот инспекторат Васе Анакиев.
Нејзината предизборна програма со која бараше мандат од колегите се темели на четири столба – ефикасност и ажурност во постапувањето, финансиски истраги и конфискација на имот, зајакнување на капацитетите и дигитализација и транспарентност и јавна доверба.













