Уште 8 тони марихуана произведена во легална фабрика за медицински канабис исчезнале, открила надлежната комисија во Здравство, а МВР против фирмата и против управителот поднесе кривична пријава по Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Фирмата е од селото Борисово во струмичко и веќе беше опфатена со истрагата за шверцот на македонска марихуана во Србија, случај откриен во февруари. Уште во март, полицијата одзеде поголемо количество марихуана од фирмите кои немаа покритие за најденото.
-При извршена контрола во простории на правното лице каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис, полициски службеници од СВР Струмица и службени лица од надлежната комисија при Министерството за здравство утврдиле дека има недостаток на документација поврзана со ангажираниот кадар, недостаток на друга задолжителна документација, како и недостаток на 7813,49 килограми сув цвет од медицински канабис, а за која количина пријавеното правно лице не располагало со соодветна документација и покритие, соопшти МВР.
Од МВР ни одговорија дека кривичната пријава „е поднесена по целосно документирање на службени дејствија преземени во февруари 2026 година.“
Во Борисово се наоѓа фирмата ЦБД Медплант, а нејзин сопственик и управител е Коље Василев. Во сопственичката структура на фирмата е и Христијан Котев кој според тогашните обвинувања на владеачката ВМРО-ДПМНЕ е син на Тони Котев, кој преку СДСМ Ново Село имал блиски политички врски со екс премиерот Зоран Заев.
Сопственици се и Алекс Гомес и странската компанија СГБ проперти, а според јавните податоци таа сега е во стечај. ЦБД беше опфатена со истрагата во март и беше отпочната постапка за одземање на лиценцата, но немаше официјално известување за крај на процесот.
Фирмата лани остварила приходи од 35,4 милиони денари и чист профит од 20 милиони денари односно околу 325 илјади евра. Тоа пак е многу помалку од вредноста на исчезнатата марихуана која во продажба за криминални цели чини над 20 милиони евра.
Миомир Серафиновиќ













