Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ ќе се трансформира во Универзитетска библиотека, што се смета за унапредување на статусот, но неизвесно е кога ќе го реши најголемиот проблем за функционирањето, да има сопствени простории. Новиот објект, каде што треба да биде сместена оваа установа, веќе 12 години е во фаза на градење.
Во библиотеката се задоволни од промената на статусот. Сметаат дека претставува значаен чекор за Тетово како универзитетски центар и важен придонес кон унапредувањето на високото образование, науката и библиотечните услуги.
„Се добива со тоа што ќе се надградиме. Според законот за издаваштво, член 12 и 15, издавачките куќи треба да достават облигативни копии во библиотеките. Значи по автоматизам и нашата библиотека за секоја издадена книга ќе се достави по една копија“, изјава Бинас Пајазити, директор библиотеката „Кочо Рацин“.
Библиотека „Кочо Рацин“ лани одбележа 80 години од формирањето, но во текот на годините трипати ги менува просториите. Во моментот користи дел од Центарот за култура, а голем дел од книгите се чуваат во магацини.
Новиот објект, кој е во непосредна близина, почна да се гради во 2014 година и сè уште не е функционален. Актуелниот министер за култура изразува надеж дека ќе почне и внатрешното уредување, со цел да профункционира овој објект наменет за библиотеката, но и за тетовскиот театар.
„Значи, при крај сме да кажувам со буџетот за 2027 година. Во преговори сме со Министерството за финансии и се надевам дека ќе одделиме доволно средства за оваа година да почне да се работи во библиотеката“, рече Седат Сулејмани, министер за култура и туризам.
Втора година трае судски процес во Тетово за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на театарот и библиотеката за што се обвинети четворица луѓе и едно правно лице.
Александар Самарџиев













