Остри критики кон Бугарија и предупредување за можни обиди за дестабилизација на Македонија упати премиерот во својот говор на свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Оцени дека државата го минува најдолгиот и најтешкиот пат кон Eвропската Унија (ЕУ), проследен со бројни условувања, одложувања, билатерални спорови и неправедни удари, но не треба да се откаже од европската перспектива и покрај разочарувањата и скептицизмот.
На тие што бараат прекин на преговорите им порача дека членството во ЕУ е важно и поради можноста да се учествува во процесите на одлучување и одвнатре да се застапуваат позициите. Лично се залага за внимателна дипломатија и долгорочна стратегија, затоа што „силните се победуваат со мудрост“, а на политиката не гледа „како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах“.
Ја обвини Бугарија дека по приемот во ЕУ почнала да ги користи европските механизми за блокирање на македонските евроинтеграции. Но, вели дека нема да „падне во стапиците на разноразни служби и на провокациите прикажани преку итромански игри“.
„Нашиот источен сосед, сè до нејзиниот влез, немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за новоосвестените Бугари за кои сега тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав. Моја задача, како претседател на владата, не е да се занимавам со коски кои им припаѓаат на минатото, туку со обезбедување на иднина за нашите деца“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски предупреди и на можноста од провокации и обиди за продлабочување на внатрешните поделби. Ги повика граѓаните да не подлегнуваат на „вештачки наметнати прашања и преувеличени етнички теми“.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме протестите, насилството во разни облици, присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат и нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие. Има неколкумина од опозицијата што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да направат“, рече Мицкоски.
Посебен дел од обраќањето беше посветен на историското паметење и ликот на Гоце Делчев. Премиерот порача дека македонската историја и националниот идентитет не треба да зависат од одобрување од други држави или политички фактори, а паметењето не подлежи на нивно одобрување.
Стабилноста на државата, според него, бара одговорност од политичките актери, внимателност и избегнување на потези што би можеле да предизвикаат нови тензии. Укажа дека ќе има тешкотии и сложени одлуки, но дека институциите мора транспарентно да ги објаснуваат своите постапки, да ги слушаат граѓаните и да ги корегираат грешките кога е потребно.
Далиборка Демјанска Цветановска













