Фондот за пензиско и инвалидско осигурување работи во минатиот век, покажува ревизорскиот извештај за ИТ секторот и безбедност во ПИОМ. Недостасуваат огромен број на информатичари, речиси нема никаква заштита, стари сервери, компјутери со истечена лиценца на оперативен систем и без антивирус, серверски соби во кои која сака, кога сака може да влезе, никакво ажурирање на безбедносни надградби и огромен ризик за губење на податоци. Ова се само дел од забелешките на ревизорите за работењето на една од клучните државни институции во Македонија.
„Во Секторот за информатика на Фондот, од 57 систематизирани работни места се пополнети само 17, односно 30%. Особено е неповолна состојбата во Одделението за ИТ инфраструктура и поддршка, во кое е пополнето само едно од 13 работни места, а нема ниту вработени лица задолжени за информациска безбедност“, констатира ДЗР
Во ПИОМ нема ниту обуки за постоечките вработени а последна е спроведена во 2022 година. Не е набавен дата центар бидејќи нема доволно пари кое тековно се трошат за одржување на старите сервери и речиси и да не е вложено ништо во делот на информациска безбедност. Особено загрижувачки е тоа што компјутерите на кои работат вработените имаат истечена лиценца и немаат антивирусна заштита
„Утврдени се и слабости во примената на безбедносните механизми за пристап до ИТ системот. Ревизијата утврдила слабости во управувањето со корисничките пристапи и безбедносните надградби, како и во мрежната заштита и управувањето со ИТ ресурсите. Дополнителна заштита на корисничката сметка не се применува. Дополнително, не е извршено ажурирање на безбедносни надградби од 2023 година. Пристапот до серверските простории не е проследен со електронска евиденција или видеонадзор, системите за гасење пожар не се одржуваат редовно, а во одделни подрачни единици резервното напојување е неисправно“, велат од ДЗР.
Ревизорите предупредуваат дека ПИОМ е особено ранлив на сајбер напади и дека има огромен ризик од губење на податоци со неможност за навремено враќање на информациите и подолг прекин во функционирањето на информацискиот систем.
Огнен Чанчаревиќ













