Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во информациската безбедност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, кои може да ја загрозат заштитата на податоците и непреченото обезбедување услуги за граѓаните.
Ревизијата укажува на недостиг од стратешко планирање, застарена ИТ инфраструктура, неажурирани безбедносни системи и недоволна подготвеност за справување со сајбер-инциденти.
Особено загрижувачки е недостигот од кадар во Секторот за информатика, каде од предвидените 57 работни места се пополнети само 17, односно 30 проценти.
Во Одделението за ИТ инфраструктура и поддршка има само еден вработен од предвидените 13, а нема ниту вработени задолжени за информациска безбедност.
Ревизијата утврдила и дека се користат оперативни системи без поддршка од производителите, дел од работните станици немаат ажурирана антивирусна заштита, а безбедносните надградби не биле спроведени од 2023 година.
Дополнително, Фондот нема одобрени планови за континуитет во работењето и обновување по катастрофи, ниту соодветни механизми за дополнителна заштита на корисничките сметки и мрежна сегментација се вели во извештајот на ревизорите.













