Премиерот Христијан Мицкоски рече дека коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе ги повика сите жители на Брвеница да го поддржат нивниот кандидат без разлика на етничката припадност. Во вториот круг за избор на градоначалник кој ќе се одржи на 1 ноември, ќе се бира меѓу кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ.
Премиерот не кажа дали зборувал со коалициските партнери Вреди за изборите во Брвеница и потегот на нивниот кандидат за градоначалник Јакуп Хусеини кој не освои доволен број на гласови за да се пласира во вториот круг и кој веднаш по објавувањето на резултатите, го посети изборниот штаб на кандидатот на ДУИ и му го честиташе пласманот во вториот круг, што во јавноста беше протолкувано како најава за можна поддршка пред финалната битка со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.Во меѓувреме, се огласи и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, кој ги повика сите албански партии да гласаат за кандидатот Албанец, поддржан од ДУИ.
Мицкоски рече дека очекува победа на изборите а повиците да се гласа по етничка припадност ги оцени како водење на политика која припаѓа на минатиот век.
„Нашиот градоначалник Јовица кој почина остави зад себе големи дела и никогаш не ги делеше жителите на Брвеница по националност туку работеше за сите. За жал сеуште има политичари коишто живеат во минатиот век во Македонија. Ние поддршката ја бараме од жителите на Брвеница и сум сигурен во победата а овие сили кои припаѓаат на минатиот век ќе останат таму“, рече Мицкоски.













